Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – РСБСП потенцира дека возењето во есента носи многу предизвици и апелира на будност, внимателност и на концентрирано учество во сообраќајот.
– Есента е период од годината кога временските услови се нестабилни, често врне дожд, магла, ветер, а неретко во раните утринските часови на одредени осојни места има појава и на голомразица. Коловозите се влажни, денот е пократок, видливоста е намалена, а голем дел од возачите, посебно оние кои се метеопати делуваат уморно и неконцентрирано, велат од РСБСП.
Токму затоа потсетуваат дека најголеми закани за безбедното одвивање на сообраќајот во овој период од годината се намалената видливост, зголемената фреквенција на пешаци и велосипедисти кои не се доволно видливи, одроните на патот, маглата, влажните коловози и коловозите покриени со лисја, животни и водена бара на патот, ниското сонце и ниските утрински и ноќни температури.
Препорачуваат да се направат сите технички проверки на возилото, особено проверка на светлосните уреди и брисачите, да се проверува притисокот на гумите, да се намали брзината и да се прилагоди на условите на патот, да се избегнуваат нагли движења, како на пример нагло сопирање или нагло свртување на возилото, во услови на магла да се користат средни или специјални светла и да не се преминува со возилото преку куп лисја зашто може да има непредвидена препрека.
На пешаците им препорачуваат да носат светла облека, рефлектирачко елече или други додатоци со кои ќе бидат полесно и навремено забележани од возачите, а на и велосипедистите да користат светлосни уреди пропишани во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.