По разврската на политичката криза во Македонија, веројатно најсилна точка на која е изградено новото политичко мнозинство е процесот на интеграциите, кој треба да биде столб на новата Влада, и не смее повторно да биде дозволено назадување во однос на приближувањето кон ЕУ и НАТО. Сите мерки преземени од Владата се токму во насока да го отпочнеме процесот, кој во неколку чекори треба да не доведе до почеток на пристапните преговори со ЕУ, вели вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи во интервју за веб порталот Европски Западен Балкан.
Османи наведува дека во првите 100 дена фокусот на Владата бил на две прашања – решавање на отворените политички прашања со соседите и спроведување на итните реформски приоритети како дел од Планот 3-6-9.
– Не само што успеавме да направиме евидентен напредок на ова поле, туку постепено го вративме еврооптимизмот во земјата, а тоа е нешто што претставува главна движечка сила на процесите во општеството, вели Османи.
Посочува дека на внатрешен план Владата со консензус усвои Нацрт-закон за употреба на јазиците со што започна процес на затворање на ова многу важно внатрешно политичко прашање кое ја создава базата за стабилни меѓуетнички односи.
– На надворешен план постигнавме историски Договор за добрососедство со Бугарија со што затворивме уште едно важно прашање со нашите соседи. Во периодот што следи наша цел е затворање на сите отворени прашања и отстранување на сите забелешки во врска со напредокот во евроатлантските структури со што спорот со Грција за употребата на името на нашата земја да остане единствено отворено прашање на нашиот евроинтеграциски пат. Ова ќе создаде услови за целосно фокусирање на ова прашање од страна на политичките елити во Македонија, кај грчките политички претставници, а исто така и кај нашите меѓународни пријатели кои сакаат да ни помогнат да го затвориме ова прашање, рече вицепремиерот Османи.
Паралелно со овие процеси, додава Османи, македонските власти започнаа нов позитивен пристап преку отворање подиректни канали за комуникација со јужниот сосед.
– Посетата на нашиот министер за надворешни работи Димитров на Атина беше важна, како што беше и посетата на грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас на Македонија. Создадена е политичка волја кај двете земји за затворање на ова прашање, но процесите се водат внимателно имајќи на ум дека во изминатиот период, а заради дневно политички поени, премногу политички емоции се врзани за ова прашање. Се согласивме да започнеме со т.н. Мерки за градење доверба со што треба да се постигне подобра комуникација и приближување меѓу двете земји, општества и луѓето кои живеат таму. Верувам дека сме на вистинската патека и дека во претстојниот период ќе постигнеме напредок во однос на добрососедските односи со Грција, што ќе резултира и со прогрес во евроатлантските интеграции, заклучува Османи.