Граѓанската спортска организација ТАКТ, со поддршка на Амбасадата на Холандија во Македонија и Агенцијата за млади и спорт, денес одржа промоција на спортско видео кој чија цел е да се промовира женскиот спорт и многубројните придобивки од спортувањето.
Во видеото се прикажани проминентни спортистки од осум различни спортови кои во македонската јавност се препознатливи по своите резултати. Пораката која ова видео ја пренесува е улогата на спортот при зајакнување на девојките, придобивките од спортувањето и унапредувањето на родова еднаквост во спортот.
- Земајќи ги во предвид сите придобивки од спортувањето, наша цел е да стимулираме и охрабриме што поголем број на девојки да спортуваат. Затоа креиравме кратко видео кое е многу инспиративно и кој ги препознава девојките спортистки како хероини и како позитивни примери (рол моделс) на кои можат да се угледаат младите генерации на девојки, изјави Силвија Митевска, претседателка на ТАКТ.
Вилем Ваутер Пломп амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија нагласи колку е важно жените да спортуваат.
- Преку спортот жените го развиваат својот потенцијал, самодовоербата и ги рушат бариерите. Спортот ве прави да бидете поактивни во животот и полесно да ги надминете предизвиците. Жените како Дафне Шниперс, Силвија Митевска или Дрита Ислами се позитивни примери за младите девојки и инспирација дека можат да постигнат многу.
Поддршка за акцијата на ТАКТ даде и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.
Видеото е достапно на социјалните медиуми, ќе биде емитувано на различни телевизиски канали, и дополнително ќе биде презентирано на работилници на тема “Зајакнување на девојки преку спорт”, кои ќе се одржат во средните училишта ширум Македонија.