Почит за политиките на пријателство и поддршка за реформските процеси и евроатлантските перспективи на Македонија изразија министите за надворешни работи на Шведска и Финска, Маргот Валстром и Тимо Соини на денешната средба со премиерот Зоран Заев.

На средбата присуствуваа и министрите за надворешни работи Никола Димитров, за образование и наука Рената Дескоска и за труд и социјална политика Мила Царовска.

- Иднината на Република Македонија е во Европската унија, ги охрабруваме и ги поддржуваме реформите на Владата што водат кон евроинтеграции на земјата, е пораката што ја пренесоа министрите од Шведска и Финска. М

Валстром и Соини, како што соопшти Владата изразија почитување за политиките на пријателство што ги водат премиерот Заев и Владата и низ коишто ги решаваат прашањата од интерес за сите граѓани и за државата.

Исто така двајцата министри ги соопштија ставовите на нивните држави за поддршка на проширувањето на ЕУ.

Заев изјави дека Владата низ инклузивни политики во земјава и добри пријателски односи со соседите ги отвора евроатлантските перспективи, затоа што стратешка цел на Македонија е членството во ЕУ и НАТО, што за државата значи стабилност и безбедност, но и поголем интерес за инвестирање во Македонија и развој на економијата.

- Веќе ги заокруживме реформите од тримесечниот рок предвидени во Планот 3-6-9, со кои што градиме независни институции, судство, медиуми...според европските стандарди, а со тоа ќе го подобриме и квалитетот на живот на граѓаните, рече премиерот Заев, кој пренесе и очекување за позитивни придвижувања на Македонија но и на целиот регион кон евроатланските цели.

Премиерот Заев им се заблагодари на шефовите на дипломатиите на Шведска и Финска за поддршката и пријателството кон Македонија и најави примена на успешни примери од двете држави во реформските процеси во земјава, како што се искуства од успешниот модел на образованието во Финска и одржливите решенија од моделот на обновливи извори на енергија од Шведска.

На средбата е заклучено дека евроатлантските перспективи ќе значат за Република Македонија и за целиот регион напредок на економски план, социјален развој и мирна иднина, што ќе ги мотивира младите луѓе да ја гледаат и планираат својата иднина во родната земја.

Констаирано е исто така дека добра иднина за сите носи концептот на Владата за изградба на Македонија во едно општество за сите.