Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, попладнево во Европскиот парламент имаше обраќање и сесија за прашања и одговори со европратениците во рамки на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ-група), јави дописникот на МИА од Брисел.

Притоа, во долгата дискусија со европратениците, Димитров од нив и од Европската унија побара поддршка и поттик за Македонија да има позитивна и оптимистичка 2018 година, кога се очекува Европската комисија да даде јасна и чиста препорака за отворање на пристапните преговори за членство.

Шефот на македонската дипломатија рече дека постои домашна реформска агенда, координирана со Европската комисија за планот за реформи „3-6-9“, а со учество и на невладиниот сектор.

Клучна порака, според него, е дека досега Македонија имала ветер во чело, а дека сега и треба ветер во грб.

Никола Димитров посочи и дека главни цели на Македонија се ЕУ и НАТО, добри односи со соседите. За односите со Грција, рече дека се работи на градење мерки за доверба, што би довело до решавање на отворените прашања. Како позитивен пример го наведе договорот за добрососедство со Бугарија, што беше постигнат без инволвирање на трети странит, без надворешни притисоци, без посредници. Македонија, рече Димитров, гради добри односи и со Албанија, а веќе е договорена и заедничка седница на двете влади следните месеци, а позитивно се одвиваат и релациите со Косово.

- Ние имаме чувство за итност, признаваме дека Европа е зафатена и дека се соочува со кризи, но можеби регионот има лекција за Европа и за меѓународната заедница оти мојата земја е заклучена во собата за чекање со години и тоа не е одржлива позитивна стратегија. За регионот на Западниот Балкан да функционира, ни треба реалистична перспектива во Европа и сериозни допирливи видливи реформи, образложи Димитров.

Македонскиот министер за надворешни работи рече и дека на земјата и треба да види перспектива и меѓу сето ова, дека и треба повеќе искреност, притоа поздравувајќи ги неодамана обновената посветеност кон регионот, како од посетата на високата претставничка Федерика Могерини, така и од неодамнешната изјава за состојбата во ЕУ на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер.

Димитров рече дека е познато дека некои земји-членки на ЕУ се уште се скептични, но дека се даваат причини тие да бидат убедени дека е вистинска и паметна работа ако Македонија е во Унијата.

Посочи и дека Владата е фокусирана на реформската агенда, посебно на судските реформи. Во однос на слободата на медиумите, според Димитров, видлив прогрес. Тој потврди дека Владата подготвува нов закон на ова поле со блиска и транспрентна консултација со медиумите и новинарите.

Димитров ја нагласи важноста на локалните избори в недела и како што рече „клучно да се однесуваме добро, да имаме силна Државна изборна комисија“.

Во однос на настапот на шефот на дипломатијата, за прашање, став и настап се јавија 13 европратеници, при што најпрво Иво Вајгл, известувач во ЕП за Макеоднија, порача дека Димитров во Европарламентот донел добри вести од Македонија.

- Сега е важно помирувањето за Македонија. Главен исчекор е направен со новата Влада и инклузивност на партиите на македонските Албанци во Владата и тоа е важно за земјата. Ве поздравувам за првите чекори што ги направивте како министер, со приоритетот што им го давате на соседите и ќе имате поддршка од ЕП кога говориме за важни работи, како што е прашањето кога земјата може да почне преговори за членство во ЕУ, за што ќе ве поддржиме, порача Вајгл.

Ко-претседавачот со Мешовитиот комитет на ЕП со македонското Собрание, европратеникот Алојз Петерле го поддржа Димитров дека Македонија треба „да ја напушти собата на чекање во ЕУ“, додека грчката европратеничка Софија Сакорафа рече дека Грците ќе ја поддржат Македонија на патот кон ЕУ, ако земјата ги исполни сите преудслови, а главно во однос на тоа е прашањето за името.

Словачкиот европратеник Едвард Кукан, посочи Владата прави добри работи и ја охрабри да продолжи така. Укажа на потребата од одржлив и конструктивен политички дијалог на партиите од власта и од опозицијата како важен предуслов земјата да оди напред.

Неколку други европратеници ја посочија бесмисленоста на спорот што Грција го има со Македонија околу името, но беа децидни дека тоа мора да се реши за земјата да напредува во ЕУ и НАТО, додека грчкиот европратеник од фашистичката Златна Зора Јоргос Епитидејос го запраша шеф на дипломатијата: „Дали ќе дозволевте влез на вашата земја во ЕУ и НАТО ако вие бевте грчки министер?“.

Според него, прашањето за името е „уникатно прашање кое оди во душата на нацијата“, па додаде дека мејнстрим-партиите во Македонија сакаат да има решение, што според него води до национално единство и помирувачка дебата.

- Ние ќе се обидуваме, но не сме уплашени да преговараме и да дознаеме што е главната загриженост во Атина, зошто тие толку за ова се грижат и да објасниме зошто ние сме загрижени од наша страна и што е најважен сегмент на ова прашање, истакна министерот Димитров.

Во врска со можноста за одржување референдум за промена на името македонскиот министер за надворешни работи потсети дека Европејците имаат искуство со референдуми, од кои некои покажале не многу среќен исход.