Министерот Оливер Спасовски им честита за постигнатиот успех во текот на напорната обука, која се завршува со нивно официјално влегување во системот на Министерството за внатрешни работи и им посака успех во натамошната кариера. „Вие денеска отворате едно ново поглавје во вашите животи. Какво ќе биде и што во него ќе “испишете“- во голема мера ќе зависи од вас, од вашата посветеност и амбиција. И пред се - од вашата стручност и одговорност. Притоа, тргнувајќи од фундаменталниот принцип на професијата што од денес ви станува животен повик: легализмот или владеењето на правото. Принцип, без чие што целосно почитување не е можно “да се служат и да се заштитуват“ граѓаните, оние заради кои воопшто и постојат институциите, вклучително и полицијата“ рече министерот Спасовски.
Почитувањето на овие принципи, според министерот Спасовски, е особено важно во вакви времиња кога состојбите се сложени, а предизвиците разновидни.