Екс градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски вчера заработи прекршочна пријава откако е запрен од сообраќајната полиција бидејќи на предниот дел од неговиот автомобил „БМВ“ имал поставено „флешери“ (црвено- сини).

Контролата е направена додека тој доаѓал на вчерашниот фудбалски натпревар на Градскиот стадион во Скопје.

Притоа флешерите му се извадени.

Пред една недела, Саше Ивановски на својот портал Мактел објави видео интервју со Коневски, на кое се гледа како на автомобилот има флешери.

Од МВР подоцна информираа дека е извршена контрола на возилото на тогаш се уште градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски, при што е утврдено дека т.н. флешери веќе не се поставени на него, односно сопственикот самиот ги отстранил.

-Kористењето на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци смеат да се вградуваат и употребуваат само на возилата со кои полицијата или воената полиција вршат придружба, вакви уреди може да се вградуваат и употребуваат и на возила определени со акт на Владата на Република Македонија како и на возилата со право на првенство на минување.

Овие уреди може да се вградат и во службените возила што ги користат претставници на Јавното обвинителство заради вршење увид, за обележаните службени возила на припадниците на Управата за финансиска полиција и со закон овластени лица на Царинската управа кои работат на откривање на кривични дела и возилата на Министерството за правда со кои се превезуваат лица обвинети или осудени за извршени кривични дела, соопштија од МВР.

Извор: Новатв.мк