Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека на ДПА и се отворени вратите за влез во владината коалиција ако ги прифати програмата на Владата и проектите за кои таа се залага.

Заев кој денеска кој заедно со кандидатот на ДУИ за градоначланик на Чаир Висар Ганиу посети неколку места во оваа скопска општина, рече дека досега немаат седнато на маса да прават комбинации за нова влада, но не исклучува промени во Владата по локалните избори.

– Јас реков и претходно, сите варијанти се отворени. Секако ние имаме стабилна влада, а мнозинството очекувам да расте. Ако донесат одлуки дел од помалите партии во Владата како што е Алијансата ние сме подготвени. Една од алтернативите е и ДПА да биде составен дел на Владата. Важно е програмата да биде прифатена, дали стојат зад проектите кои сме ги ветиле пред граѓаните, заедно да ги реализираме. Досега немаме седнато на маса да правиме комбинации за нова влада, промени на влада или слично. Секако, локалните избори се многу важни, општините се многу важни и нема да е за чудо тоа ако предизвика одредени промени, но нема да е за чудо ако останат исти позиции. Ние сме подготвени секако градиме пријателство со сите. Се надеваме дека капацитетот и бројноста во Парламентот ќе расте, но се надевам и дека идната опозиција ќе биде уште поконструктивна, директно вклучена во сите процеси во Македонија, зашто силна опозиција значи силна власт, а слаба опозиција значи забеганост на власта, изјави Заев, одговорајќи на новинарско прашање за шпекулациите дека ДПА ќе влезе во Владата на местото на Алијансата за Албанците.

Заев и Ганиу денеска го презентира идејниот проект за кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ што треба да се гради кај касарната „Илинден“. Заев рече дека кампусот е владин проект и најави дека следната година од буџетот ќе бидат обезбедени средства за негова реализација. Заев и Ганиу потоа имаа средби со жители во Топанско Поле.