Специјалното јавно обвинителство поднесе претставка за утврдување на одговорност на судијката Моника Бахчовановска од Основниот суд Скопје 1 во врска со предметот „Тифани“ во кој за даночно затајување е обвинета новинарката Ивона Талевска.
Со претставката поднесена до Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија, се бара да се испита работатата на Бахчовановска од аспект на нестручно и несовесно вршење на судиската функција.
„Судијата Моника Бахчовановска, постапувајќи по поднесен приговор со предлог за издвојување од списите на предметот на незаконски прибавен доказ во предмет за кој СЈО има поднесено обвинителен акт, на ден 11.09.2017 година донела решение во кое посочила решение на Апелациониот суд Скопје донесено на ден 18.09.2017 година. Тоа упатува дека решението на судијата Бахчовановска е антидатирано решение, или станува збор за друг вид на поведение со кое се врши злоупотреба на положбата и пречекорување на службените овластувања, од аспект на тоа како судијата Бахчовановска можела однапред да ја знае одлуката на Апелациониот суд Скопје“, се наведува во преставката на Специјалното јавно обвинителство.