Апелацискиот суд Скопје деновиве треба да ја соопшти одлуката по жалбата на Специјалното јавно обвинителство во врска со одлуката на Кривичниот суд за отфрлање на прислушуваните разговори како доказ во случајот на СЈО „Тендери“, во кој е обвинета поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска.
Обвинителот на СЈО Стевчо Донев на денешната јавна седница во Апелациски рече од содржината на прислушуваните разговори кои се приложени како доказ произлегува дека обвинетите го сториле кривичното дело кое им се става на товар.
Според адвокатот Сашо Дуковски која ја брани Канческа – Милевска, незаконски стекнати докази не може во никој случај, по ниту еден домашен закон, Уставот и меѓународни договори да бидат доказ во судска постапка. Побара „бомбите“ да не бидат земени како докази.
На седницата денеска не присуствува поранешната министерка за култура Канчевска Милевска.
Апелацискиот суд на две јавни седници во петок ќе одлучува дали бомбите во предметот „ТНТ“ за уривањето на станбениот комплекс „Космос“ и бомбите во предметот „Топлик“ за случајот „Сончев град“ може да бидат доказ во постапката.
Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, на 27 септември годинава ги одби т.н. „бомби“ како доказ во случаите „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“.
Во случајот „Тендери“ обвинета е Канчевска Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“. Во „Топлик“ осомничени се шест лица од Министерството за транспорт и врски за изградба на „Сончев град“, а „Тортура“ се однесува на апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.
Снимките од прислушуваните разговори досега се прифатени како докази во предметот „Триста“ во кој обвинет е поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски и за „Насилство во Центар“ во кој обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, а се отфрлени за „Титаник“, „Тенк“, „Тифани“ и „Тревник“