Матрицата за мерење на перформансите во правосудството во Македонија, која денеска беше промовирана од Центарот за правни истражувања и анализи, треба му помогне на судскиот систем да оцени различни области на активност и да ги еволуира достигнувањата на реформите во конкретните сектори.

– Заедно со Министерството за правда и Судскиот совет секоја година ќе се врши мерење на начинот на кој се спроведуваат реформите, бидејќи досега во Македонија се донесени две стратегии за реформи во правосудниот систем, а немаме појдовна точка од која може да започнеме со новите реформи, изјави на промоцијата Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи.

Со истражувањето, како што рече, ќе бидат опфатени четири категории испитаници, пред се судиите и судската администрација, адвокатите, јавните обвинители и државните правобранители, нотарите, извршители и медијаторите, физичките и правни лица како странки во судските спорови и медиумите, навладиниот сектор и академската заедница.

Истражувањето, како што додаде, ќе се врши секоја година, а податоците кои ќе се добијат ќе бидат споредени со податоците кои ги има Судскиот совет, како и со податоците од меѓунарадните институции. Мерењето, како што истакна, ќе биде спроведено во првата половина на 2018 година, по што информациите и податоците ќе бидат објавени.

Јовановски посочи дека една од областите која ја испитува Матрицата е независноста и непристрасноста на директните чинители во правосудството. – Одгорноста на судиите е опфатена во делот на независноста и непристрасноста, односно се она што се однесува на дисциплинската одговорност, начинот на разрешување и назначување на судиите, додаде тој

Министерот за правда Билен Салији посочи дека новата стратегија за реформи во правосудниот систем за следниот период од пет години ќе ги постави новите приоритети за судски реформи и натамошен развој.

Со Матрицата, како што додаде, за првпат во правосудството во Македонија ќе се овозможи системско оценување на реформите врз основа на мерливи и јасни критериуми.

– Задржувањето на визијата на Македонија за членство во Европската унија е движечката сила која ќе ја зајакне и подготвеноста на сите заедно активно и безусловно да се соочиме со предизвиците кои ни претстојат, рече Салији и додаде дека Министерството за правда цврсто останува во намерата за реализација на реформските активности во правосудниот систем.

Британскиот амбасадор Чарлс Гарет смета дека анализата за тоа како работи правниот систем во Македонија и на резултатите од функционирањето ќе овозможи да се идентификуваат начини како тој да се подобри, со цел да се овозможи унифицирана примена на законите.

– Матрицата ќе помогне да се подобри квалитетот на работата на правосудниот систем, ќе донесе придобивки за сите граѓани, ќе им помогне на владите да работат за граѓаните, на судовите правично и ефикасно да работат, а ќе овозможи и да се чуе гласот на граѓанскиот сектор, и да овозможи бизнисот да прави профит, истакна Гарет.

Претседателот на Центарот за правни истражувања и анализи Лидија Стојкова Зафировска вели дека ваква анализа на работата на правосудниот систем била неопходна, поради тоа што, како што рече од сите преземени реформи во него никогаш не била направена проценка што е сработено, што од тоа е успешно или неуспешно и како работите да се подобрат.

Матрицата е изработена од Центарот за правни истражувања и анализи, во соработка со Министерството за правда и Судскиот совет на РМ, како дел од програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети за судии и мониторирање на судски реформи“, поддржана од британската Амбасада.