Најмалку 76 словенечки државјани и компании се споменати во документите што протекоа во аферата „Рајски документи“, меѓу кои е и името на најголемиот даночен обврзник во Словенија. Во документите се најде и името на поранешниот шеф на словенечката даночна управа, Иван Симич, објавија денеска словенечките медиуми.
Документите, наречени „Рајски документи”, беа обелоденети од адвокатската фирма „Еплбај“, основана на Бермудите и компанијата „Ејжасити траст“ од Сингапур, а ги набави германскиот весник „Зидојче цајтунг“, кој ги сподели со Меѓународниот конзорциум за истражувачки новинари (ICIJ).
Со Меѓународниот конзорциум за истражувачки новинари (ICIJ), соработуваа и новинарите од љубљанско „Дело”, кои во наредните денови ќе откријат кои словенечки компании и поединци, врз основа на документацијата, се нашле под сомнеж дека ги кријат парите во даночните оази и избегнуваат плаќање данок во својата татковина.
Меѓу нив е и Иван Симич, кој својата консултантска компанија ја префрлил на Кипар, уште додека бил на чело на словенечката царинска управа, а сега е советник на оние кои сакаат да основаат компанија во таа земја, пишува „Дело“.
Симич за весникот изјави дека во тоа не гледа ништо спорно и дека многу пати објаснувал во јавноста дека Кипар не е даночна оаза, бидејќи се работи за членка на Европската унија и дека на Словенците, како земја каде што даноците можат да се минимизираат, поинтересна им е Малта.
Но, меѓу оние, на кои Симич им бил даночен консултант преку неговите странски компании, се најде и Златан Кудиќ, основачот на компанија која во Словенија се води како најголем даночен должник, пишува „Дело”.