Запознавање со основите и разликите на прењето пари и финансирање на тероризам, идентификување на високоризични клиенти и правилно следење и откривање на сомнителни трансакции. Ова се дел од целите на првата меѓународна конференција што се одржува во Скопје, во организација на Академијата за банкарство и информатичка технологија АБИТ.
На отворањето на конференцијата присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Јавната обвинителка Ленче Ристоска, директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми и експерти од Израел.
Министерот Спасовски потенцира дека проблемот со перење на пари е еден од базичните сегменти во финасирањето на терористички операции.
– Институциите задолжени за спроведување на законот треба и мора со соодветен интензитет да ја унапредуваат и прилагодуваат својата подготвеност за ефикасно спротивставување кон предизвиците што ги носи феноменот на перење пари. Особено во делот на квалитетно кадровско екипирање и нормативна поставеност и опсег. Логистиката во тие задачи мора да дојде токму од стручната и експертска фела, нагласи Спасовски.
Специјалната јавна обвинителка Ристоска истакна дека перењето пари зафаќа повеќе сфери, сите области од финансиското работење и целокупниот поредок. Според неа, за решавање на овој проблем треба инклузивност на сите чинители во општеството и интердисциплинарен пристап.
– Република Македонија треба конечно да заземе посерозен пристап во борбата против перењето на пари. Пристапот треба да биде интердисциплинарен и треба сите активни чинители во општеството, како банкарскиот сектор, финасиските институции така и обвинителствата, поддржани од полицијата, сите заедно да застанеме напред во борбата против перењето пари и финансискиот криминал, изјави Ристоска по отворањето на конференцијата.
Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми истакна дека во минатото имало многу случаи на перење пари, а во неколку наврати, како што рече, сакале да ги легализираат валканите пари.
– Ние како институција сме тука да ги спречиме и верувам дека многу побрзо ќе ги расчистиме сите тие случаи, рече Муареми.
Одговарајќи на новинарско прашање Муареми рече дека финансиската полиција работи интензивно и активно на неколку случаи и најави оти наскоро јавноста ќе биде информирана за нив.
– Да оставиме бидејќи е во фаза на предистражна постапка, финасиската полиција да ја спроведува истрагата, рече Муареми. Додаде дека меѓу засегнатите има и политичари, бизнисмени од сите сфери.