Терористичките закани постојано се менуваат што бара и постојана промена на мерките за ефикасен одговор, првенствено преку интензивна соработка на сите чинители и на национален и на меѓународен план. Тоа се дел од пораките упатени на отворањето на Регионалната симулациска вежба со која почнува тридневната конференција „Странски терористички борци: Промовирање превенција и отпорност“, што се одржува од денеска во Скопје.

Клучни мерки за справување со овие предизвици, според учесниците на конференцијата, се подобрувањето на граничната безбедност, зајакнувањето на кривичните закони и капацитетите на органите на прогонот, но и одговори за прашањата за повратниците од кризните подрачја, а меѓу останатото и наоѓање начин за нивна рехабилитација во општеството.

Премиерот Зоран Заев порача дека ниту една држава не може сама да одговори на глобалните безбедносни закани.

- Ефикасната превенција и сузбивање на појавните облици на овие закани подразбира координирана акција, градење учество во заедничката безбедносна стратегија и акција со стратешките партнери на Република Македонија: САД, земјите на ЕУ и нашите соседи. Заканата од зголемената радикализација и од странските борци е загриженост што ја делиме сите држави од Западен Балкан. Таа радикализација се заканува и на регионалната стабилност со повремено политизирање и поделби во регионот најчесто на меѓуетнички и верски план, рече Заев, потенцирајќи дека тоа е причината зошто е потребна регионална соработка на сите нивоа.

Согласно актуелните потреби, посочи, Македонија врши постојана надградба на нормативните и институционални безбедносни капацитети, како и ажурирање на превентивни политики.

Како што рече Ричард Просен од Владата на САД, откако започнаа операциите во Ирак и во Сирија во 2014 година заканите се значително намалени.

- Неодамна беше известено дека моментно има 3.000 до 7.000 борци во регионот, со што се намалува непобедливоста на ИСИС, но не смее да се мисли дека заканата ќе исчезне во оној момент кога ќе ја изгубат својата сила. Исто така, постои алармантен тренд на домашен насилен екстремизам, а преку употребата на социјалните медиуми од страна на ИСИС е дојдено до ситуации во кои тие даваат совети како да се изведуваат поединечни напади, укажа Просен.

Според американскиот амбасадор во Македонија Џејс Бејли, за да се мобилизираат сите ресурси за ефикасен одговор кон заканите мора да се надмине проблемот со разговорот односно, како што рече, мора отворено да зборуваме зошто 150 граѓани на Македонија се приклучија на ИСИС во Сирија и Ирак. Оваа дискусија, наведе Бејли, мора да биде нормализирана и да отвори дебата што се случува и со луѓето кои се вратија оттаму. Не можеме да зборуваме за решенија доколку отворено не разговараме за проблемите на непристрасен и отворен начин, рече Бејли.

Иако одлевањето на странските терористички борци од Западен Балкан во Сирија и Ирак значително се намали во последните две години, како што потенцираше Бејли, проблемот не е исчезнат, и само доби некој нов облик.

- Балканот останува високо ранлив на предизвиците од насилната радикализација и тоа дома од странските терористички борци кои се враќаат од воените области, рече Бејли, поздравувајќи ја регионалната соработка меѓу Македонија, Косово и Албанија, особено по нападот во Скадар.

Нина Суомалаинен, шеф на Мисијата на ОБСЕ ја потенцираше важноста на Регионалната симулациска вежба и изрази уверување дека сите земји членки на ОБСЕ може да помогнат во спроведувањето одржливи ефективни иницијативи кои ќе одговорат на предизвиците со кои се соочуваме. Иако образованието, испраќањето вистински пораки и ангажирањето на заедницата се важни, сепак, мора да бидат дел од сеопфатен стратешки пристап ако сакаме да бидеме успешни, рече Соумалаинен, апелирајќи на соработка.

Преку Регионалната симулациска вежба треба да се развие сеопфатен збир на препораки за политики кои може да и дадат поддршка на државата и на другите регионални партнери во развивањето капацитети и прекугранична соработка кои ќе се осврнат на тековните и идните безбедносни предизвици.

Учесниците на конференцијата ќе ги истражува политичките прашања за постоечките ризици од странски терористички борци и повратници, одговорите на земјата, како и на регионот заедно со идните чекори поврзани со безбедноста и борбата против тероризмот.