Премиерот Зоран Заев и амбасадорот на САД Џес Бејли се согласија на денешната средба во Скопје дека по успешниот изборен процес се создадени околности Владата да се фокусира поинтензивно на најавените и почнати реформски процеси.
Бејли и честиташе на земјата за успешниот изборен процес и препорача државните институции да ги имплементираат препораките на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР.
Американскиот амбасадор на средбата во кабинетот на премиерот истакна дека особено е потребно да се стави акцент во делот на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупција на национално и на локално ниво.
Осврнувајќи се на говорот на премиерот на конференцијата „Странски терористички борци, промовирање превенција и отпорност“ Бејли ја истакна подготвеноста на САД да ги поддржуваат своите партнери во справување со овие глобални закани во зајакнување на капацитетите на институциите, како што е Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.
Заев, како што соопшти владината прес-служба, се заблагодари за честитките за спроведување на изборниот процес и истакна дека победата на изборите и големиот број освоени градоначалнички места за коалицијата што ја предводеше на изборите, во исто време е и голема одговорност и дека претстои период во кој освоената доверба ќе треба да се оправда.
Премиерот додаде дека инсистира на чесно, одговорно и отчетно спроведување на политиките на централната и на локалната власт и дека за сите отстапувања од овие принципи ќе следуваат реакции на институциите кои треба да го спроведуваат законот еднакво за сите.
Заев додаде дека по крајот на крајот на политичката криза и успешно спроведените избори, треба да настапи период во кој Владата целосно ќе се посвети на интензивирање на реформите за економски развој на земјата, како и на динамизирање на процесите за евро-атлантските аспирации.
Премиерот нагласи дека во спроведување на суштинските реформи владата останува на заложбата тој процес да биде исклучително инклузивен и дека во овие активности очекува поактивно вклучување на опозицијата и на другите чинители.
Тој посочи дека Владата ќе продолжи понатаму да ги надградува националните политики во оваа сфера и дека ќе ја поддржува меката превенција и работата на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.