Македонското респираторно здружение повикува да се преземат чекори за поригорозно спроведување на Законот за заштита од пушење наместо да има заложби за либерализација на пушењето.
– Секојдневно слушаме и гледаме дебати во јавноста и социјалните мрежи со бројни позитивни и негативни коментари во врска со предлозите за либерализација на Законот за пушење во Македонија. Како сериозни професионалци апелираме сите лица, тела и институции да направат се што е во нивна моќ за заштита на здравјето на населението во Македонија – се вели во соопштението од Здружението.
Интенциите на оваа Влада, посочуваат од Здружението, се насочени кон реформи и интеграција на земјата во Европската Унија.
– Како мислите да чекориме кон Европа со легализација на пушењето? – прашуваат од Здружението и додаваат дека како доктори и членови на многу европски и светски стручни медицински здруженија знаат дека ниту една земја во Европа и развиениот свет не го поддржува пушењето.