Претседателот на Независниот полициски синдикат (НСП), Гоце Делчев, денеска најави дека по обезбедената неопходна документација, почнуваат процес за добивање репрезентативност на сите независни синдикални структури кои се наоѓаат во рамки на НСП.
- Денеска за Независниот синдикат на полицијата и за сите негови членови е свечен ден и почеток на нешто што во наредниот период ќе биде исклучително битно за сите нас, да го искористиме моментот што Министерството за труд и социјална политика ни го овозможи, рече Делчев и и презентираше оргинални базични потпишани пристапници од сите членови, чиј број изнесува над три илјади.
Посочи дека се сериозни во намерите за исправање на грешките кои во изминатиот период им се нанесени кон работниците, а особено на оние во полицијата.
- Се она што се случуваше во изминатиот период во делот на подготовка на предлог буџетот за 2018 година е и основа за иницирање на ваквите наши активности, рече Делчев.
Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во предлог буџетот за 2018 година не е опфатено ништо што тие го барале во делот на потребата за работниците во редовната, шумската и затворската полиција.
- И оние проценти кои беа планирани за зголемување на платата на редовниот полицаец годинава и во втората половина на годинава не се земени предвид и не се преземени активности за исплата на такви парични средства. Доставивме документ со кој бараме исправка и корекција на оваа неправда направена кон работниците во полицијата, додаде Делчев.