Македонија и Словачка имаат многу заеднички нешта. Од една страна заедничката европска иднина, а од друга е заедничкиот интерес да успееме, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, по средбата со словачкиот државен секретар и вршител на должноста министер за надворешни и европски работи, Иван Корчок.
Димитров истакна дека како што е важна заедничката иднина во Европската унија, така е важно и заедничкото развивање на билатералните односи.
– Главна цел на Словачка е Македонија и целиот регион на Западен Балкан да влезат во ЕУ. Гледаме многу позитивни промени тука во земјата во сите области, што е од голема важност за европската перспектива на Македонија, рече Корчак.
Тој додаде дека за време на посетата на земјава ќе ги разгледа и бизнис можностите што ги нуди, односно можноста за словачки инвестиции.
– Словачка ќе го дели искуството со Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Од витален интерес е Македонија и регионот да се доближат поблиску до нас, односно до НАТО и ЕУ, рече тој.
Според него, Македонија мора да работи на реформите за да има видливи резултати, по што ќе уследи реципрочен одговор од страна на Унијата, со што ќе и помогне и на Словачка во поддршката на европската перспектива на Македонијуа.
Корчок за време посетата на Македонија учествува на Првата конференција на националната конвенција за ЕУ во Македонија, во рамки на која словачки експерти ќе ги пренесат своите искуства на македонските партнери.