Проектот финансиран од Словачката асоцијација за надворешна политика и УСАИД ќе има двострана корист, ќе послужи како инструмент за пренесување на словачките искуства во процесот на пристапување кон ЕУ и ќе помогне во обезбедување поширок консензус во општеството за неопходните чекори поврзани со евроинтеграцијата.
Ова денеска го изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, во обраќањето на првата конференција на Националната конвенција за Европската унија во Македонија, што е проект на Словак аид и УСАИД преку кој словачки експерти ќе ги пренесат своите искуства на македонските партнери.
– Поддршката на граѓаните за влез во ЕУ е исклучително висока, дури и се зголеми во последните неколку месеци на околу 80 проценти. Тоа охрабрува, но и прави огромна обврска. Го најдовме патот што беше подизгубен, воспоставивме партнерски односи со Брисел, убедени сме дека стратегијата што се подготвува во ЕК ќе ја зајакне европската перспектива на Балканот и ќе направи атмосфера на реформски натпревар, рече Димитров.
Според него, процесот на проширување ја менува реалноста само тогаш кога е базиран на реформи. – Колку повеќе ќе сработиме дома, толку поголеми ќе мора да бидат шансите за членство. Остануваме фокусирани на нашата стратешка агенда – реформи дома и на второ ниво развивање добрососедски односи, ја зајакнуваме комуникацијата со сите наши соседи, отворен дијалог, градиме мостови за соработка, развивање доверба и почит, рече Димитров.
Словачкиот државен секретар и вршител на должноста министер за надворешни и европски работи, Иван Корчок даде цврста поддршка на влезот на Македонија во ЕУ, истакнувајќи дека Словачка кога пристапувала во Унијата била во посложена политичка ситуација отколку што е сега Македонија, и оти нема причина да не се продолжи со реформите.
– Ова е позитивен момент за вас, бидејќи во последните пет-шест месеци видовме многу позитивни напори на земјата и не гледаме други алтернативи освен европската перспектива. Реформите се тешки, но нема друг пат за вашиот влез во ЕУ, нема куси патишта, мора да се посветите за да имате резултати. Без тоа не можеме да ги убедиме членките дека вратата на Унијата треба да остане отворена, посочи Корчок.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи рече дека по формирањето на новата Влада враќањето на земјата на патот кон ЕУ како стратешка определба за која немаме друга алтернатива беше основна и прва задача.
– Примарна задача беше да ги подобриме односите со нашите стратешки партнери и поддржувачи, со соседите, да се фокусираме на реформите со цел зајакнување на институциите, на администрацијата и на целото општество, рече Османи.
Додаде дека „европскиот курс е основната точка, околу која што се гради новиот наратив на земјата околу кој повторно се создава консензус за нашите стратешки амбиции“.
– Локалните избори беа првиот приоритет како најважен тест на новата Влада дали може да спроведе демократски и кредибилни избори. Тој тест го поминавме успешно. Сега ќе се навратиме на останатите реформи како што се ред во судството, каде согласно препораките на ЕУ и на Советот на Европа, ќе градиме независен, непристасен ефикасен судски систем ослободен од притисоци, додаде Османи.
Американскиот амбасадор во земјата Џес Бејли истакна дека пристапувањето на Македонија во ЕУ останува приоритет за САД.
– Постигнувањето на оваа цел ќе ја зајакне Македонија како просперитетна демократија, но овој процес нема да се случи преку ноќ, потребна е работа, рече Бејли и додаде дека овој проект е знак за посветеноста на САД за евроинтеграциите за земјата.
Артан Груби претседател на Комисијата за европски прашања при Собранието на Македонија, рече дека Македонија добила втора шанса која треба да се искористи, на тој начин што ќе се воспостават демократски институции што ќе го гарантираат владеењето на правото, независноста на институциите, одговорноста и еднаквоста на сите пред законот.
Националната конвенција за Европска унија беше развиена и успешно применета во Словачка како модел на мотивирање на општествените чинители да учествуваат во преговорите со ЕУ. Конвенцијата во Македонија ќе се организира како постојан форум за отворен дијалог меѓу претставници на Владата, Парламентот, релеватните државни институции, политичките партии, како и универзитетите, стопанствениците, синдикатите и граѓанскиот сектор.