Словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчак попладнево на премиерот Зоран Заев му пренел дека Македонија ја има поддршката од Словачка за членство во НАТО и интеграција во Европската унија.

Во соопштението од Владата се наведува дека словачкиот министер ги поздравил демократските промени во Македонија и чекорите кон остварување на стратешките евроатлански интеграции. Корчок оценил дека доколку македонската Влада продолжи со ова темпо на реформите, посебно во правосудството, владеењето на правото и развојот на регионалната сорабтка, тогаш ќе направи исчекори во евроатланските интегративни цели.

Премиерот Заев изразил надеж дека Македонија ќе биде следната држава членка на НАТО.

- Се надеваме дека Република Македонија ќе биде следната 30-та земја членка на НАТО. За нас е големо охрабрување членството на Република Црна Гора што покажува дека ако се има политичка волја, може да се постигнат резултати, истакнал Заев.

Тој посочил дека во тек е имплементацијата на Планот 3-6-9 кој е важен за европските интеграции и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

- Работиме на важните судски реформи, на реформи на тајните служби, за професионални медиуми и државни институции, низ соработка со граѓанскиот сектор, во насока на развој на вистинско демократско општество. Вишеградската група е голем поддржувач на Република Македонија и на регионот на патот кон ЕУ, а Република Словачка мотивира со напредокот, рекол Заев.

Македонскиот премиер изразил благодарност за континуираната поддршка од Словачка за евроатланските интегративни процеси на Македонија.

На средбата, на која присуствувале и досегашниот словачки амбасадор Мартин Безак и идниот словачки амбасадор Хенрик Маркуш, споделени се искуства за НАТО интеграциите на Словачка, како и за реформските чекори што ги има направено во делот на транспаретното и отчетно владеење. Соговорниците констатирале дека се создадени услови за поголема економска соработка меѓу двете земји