Претседателот на Лекарската комора на Македонија Калина Гривчева Старделова и директорот на Клиниката за токсикологија Нико Беќаровски, денеска го осудија нападот со нож врз лекар од Клиниката за токсикологија, кој се случи синоќа на влезот од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
„Сметаме дека никакво насилство не треба да се толерира особено не врз доктори. Затоа и бевме со идеја и имаме соработка со Министерството за здравство и останатите комори да го спречиме насилството. Длабоко верувам во системот на оваа држава.
Да оставиме институциите на системот да си го проследат понатаму се ова околу овој немилиот настан“, изјави Гривчева Старделова.
Беќаровски изрази жалење за настанот и посочи дека заедно со Гривчева Старделова во утринските часови го посетиле повредениот лекар на Клиниката за дигестивна хирургија, кој е во добра здравствена состојба и е надвор од животна опасност. Изрази надеж дека повредениот деновиве ќе биде пуштен на домашно лекување.
Тој ги демантираше шпекулациите за тоа дека настанот се случил во тек на дежурство и на работно место.
Настанот се случи пред почетокот на дежурството, а колегата бил на пат за доаѓање на дежурство. Бев известен во 19:25 часот за немилиот настан, а дежурството на колегата требаше да започне во 20 часот“, рече Беќаровски.
Одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека не само на Клиниката за токсикологија, туку и целата докторска фела, е континуирано изложена на вербални напади.
„Во рамки на Клиничкиот центар има клиничко обезбедување. Интензивно се размислува да има обезбедување на Клиниката, меѓутоа за жал финансиската состојба што ја наследивме во моментов не дозволува таква работа“, додаде Беќароски.