Владата на вчерашната седница го усвои буџетот за 2018 година, во кој не се предвидени средства за зголемување на надоместокот на судиите поротници, со што наскоро би можело да се очекува и блокада на судењата, изјави денеска претседателот на Судскиот совет на РМ Зоран Караџовски по потпишувањето на заклетвата на новиот претседател на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев.
Според него, останува за овој проблем јавно да апелира до пратениците во Собранието на РМ во расправат при донесување на буџетот на РМ да извршат интервенција затоа што, како што рече, со постојниот Правилник и со надоместоците кои ги имаат судиите-поротници се очекува во најскоро време да има блокада на судовите во кои за работа се потребни поротниците.
Караџовски негодуваше на новинарските прашања во врска со „сваровски судството“ велејќи дека веќе било апсолвирано, а за доделувањето на предмети на подобни или неподобни судии, рече дека такви можат да бидат по дома, а не и во судот.
На прашање за политичкото влијание врз судството и врз донесувањето на судските одлуки, претседателот на Судскиот совет одговори дека судиите мора да работат професионално и да бидат личности со интегритет.
Караџовски рече дека деновиве завршило делегирањето на четворица судии од Основниот суд Скопје 1 и дека тие се вратени во матичните судови од каде беа дојдени, а предметите кои беа кај нив ќе бидат прераспределени кај други судии.