Како прв човек на Институтот за македонски јазик, не можам да ги коментирам ставовите на моите ценети колеги, рече директорката на Институтот „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујовска во врска со различните ставови во Институтот за новиот закон за употреба на јазиците кој е во собраниска процедура.
За критиките и отворените писма на вработени во Институтот во однос на законот што се предлага, Јованова-Грујовска рече дека тоа се ставови на дел од вработените, а не официјален став на Институтот за македонски јазик.
Таа е задоволна од средбата што ја имале со премиерот Зоран Заев зашто ги ислушал нивните забелешки и очекува дека тие ќе бидат вклучени во законот. На таа средба, рече, договориле да добијат поголема поддршка за нивните активности (финансирање проекти и изданија) отколку што ја имале во минатите години, како и вработување подмладок во Институтот што го немаат 19 години.
- На средбата се договоривме во следниот период Владата да помогне во негувањето, проучувањето на македонскиот јазик... Излезе дека со премиерот ние, всушност, имаме многу слични гледишта и ставови, само прашање е начинот на презентирањето на овие гледишта, рече Јованова-Грујовска во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод Отворените денови на Институтот.
Според неа, поддршката на Владата за унапредување на статусот и грижата за македонскиот јазик не е компензација за нивната согласност со законот за јазиците.
- Ниеден закон не се компензира со друг закон, додаде директорката на Институтот „Крсте Мисирков“.