Со воена свеченост денеска во касарната „Илинден“ во Скопје ќе биде одбележан Денот на инженерискиот баталјон од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) на Армијата на Република Македонија (АРМ).

На свеченоста, која е дел од активностите за одбележување 25 години од формирањето на АРМ, согласно воениот протокол, ќе се одржат постројување на единицата и пригодни говори и ќе бидат доделени стимулативни мерки.

Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, за ден на инженерискиот баталјон е одреден 13-ти ноември, како датум од историско значење за АРМ. Инженерискиот баталјон е носител на традициите на формирањето на инженериската бригада при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија.

Инженерискиот баталјон минатата година беше одликуван со Орден за воени заслуги од страна на Врховниот командант на АРМ, за исклучителен придонес во зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и за непрекината поддршка на цивилното население.

Според најавата, на свеченоста покрај командантите на претпоставените команди (1.мпбр и ЗОК), ќе присуствуваат поранешни команданти на единицата меѓу кои и началникот и директорот на генералштабот на АРМ, генерали од АРМ, команданти на единици на АРМ и други гости.