Пратеници и претставници од парламентите од земјите од Западен Балкан заедно со претставници од Светската банка, регионални експерти и претставници од Европскиот парламент, овие два дена во Скопје дискутираат за различните аспекти на регионалната соработка и за тоа како да се унапреди буџетскиот и законодавниот надзор на Западен Балкан.
Споредбената анализа на претходните процени на јавните расходи и финансиската отчетност во регионот на Западен Балкан за периодот 2006-2016 година, според Извештајот презентиран во рамки на конференцијата „Јакнење на финансискиот надзор на парламентите од Западен Балкан“ како што се наведува, сугерира дека регионот начелно потфрла кога станува збор за законодавната контрола. Меѓутоа, како што стои, успешноста не е конзистентна во сите земји.
Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери на отворањето на конференцијата рече дека надзорната функција на Парламентот, ја нема онаа димензија која ја имаат парламентите во високо развиените демократски држави.
– Оваа надзорна улога е особено важна кога станува збор за Буџетот, бидејќи тој се полни пред се од граѓаните, а ние сме пратеници избрани во парламентот токму од граѓаните. Затоа, наша законска, но и демократска обврска е да вршиме транспарентен надзор на тоа како се трошат народните пари, и дали преку буџетот се задоволуваат интересите и потребите на граѓаните, сфатено во најширока смисла на зборот, и дали со буџетот се обезбедува стабилна сегашност и развојна иднина, рече Џафери.
Оваа конференција, според пратеникот и претседател на Бордот на Мрежата на парламентарни комисии за економија, финансии и евроинтеграции на Западен Балкан Артан Груби, конференцијата ја симболизира посветеноста кон соработката и евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан.
Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер во Македонија најави продолжување на поддршката на парламентите од Западен Балкан, која сега помага во Македонија, Србија и Албанија. Во Македонија швајцарската Влада го поддржува Парламентарниот институт, додека во Србија парламентарниот надзор.
– Швајцарската поддршка на Парламентите ќе се зголеми во текот на следните години така што се очекува финансикиот надзор да биде еден од главните теми. Парламентите од Западниот Балкан имаат развиено различни практики во поглед на организацијата на финансискиот надзор, рече Сутер.
Регионалната конференција е во организација на Вестминстер фондацијата за демократија, Светската банка и Мрежата на парламентарни комисии за економија, финансии и евроинтеграции на Западен Балкан поддржана од швајцарската Влада.