Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Арлем Дезир, за време на неговата посета на Скопје, денеска пофали неколку позитивни реформи во медиумскиот сектор, притоа истакнувајќи ја потребата за подобрување на општата медиумска ситуација во земјата.

Како позитивни тој ги посочил одлуката на Владата да им обезбеди бесплатен пристап на новинарите до документите од Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности и да го укине владиното рекламирање во сите медиуми.

Како што информира Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје, Дезир на средбата со премиерот Зоран Заев разговарал за измените во законот за аудиовизуелни медиуми, реформите во јавниот сервис и за безбедноста на новинарите. Дезир ја поздравил одлуката на новата Влада да ја стави слободата на медиумите на врвот на приоритетите.

Дезир се сретнал и со претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, со министрите за надворешни работи, за внатрешни работи, за информатичко општество и администрација и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Никола Димитров, Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски и со Роберт Поповски.

На средбите Дезир разговарал за предлог-амандманите на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, предложени од Министерството за информатичко општество и администрација.

- Мојата канцеларија ќе продолжи со обезбедување на сета потребна помош во овој многу важен процес. Го поздравувам активниот ангажман на новинарските здруженија и невладините организации и организациите на граѓанското општество во јавните консултации во врска со нацрт-законот, потенцирал Дезир, нагласувајќи ја потребата процесот на изготвување на законот да биде отворен и транспарентен.

Дезир се осврнал на прашањето на јавниот радиодифузен сервис, неговата улога и предизвиците кои треба да се решат.

- На јавниот сервис му треба модел на финансирање кој на ниту еден начин нема да ја поткопа неговата независност и ќе овозможи да ја извршува својата мисија на јавен сервис. Со цел да се спроведат овие потребни реформи, многу е важно јавниот сервис да остане институција со високи професионални стандарди, ослободена од политички притисок и во служба на сите граѓани, истакнал Дезир.

На средбите се дискутирало и за безбедноста на новинарите. Според него, безбедноста е еден од главните услови за слободни и отворени медиуми. Додал дека сторителите на неколку напади врз медиумските професионалци во земјата мора да бидат изведени пред лицето на правдата.

Дезир се сретнал и со медиумски професионалци, како претставници на здруженијата на новинари, Советот за етика во медиумите, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Институтот за комуникациски студии, Јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. Со нив разговарал за општата медиумска ситуација во земјата, актуелните предизвици и идната соработка.

- Многу го ценам конструктивниот дијалог со властите и медиумската заедница и се надевам дека нашата соработка ќе резултира со подобрена медиумска ситуација во земјата, заклучил Дезир.