Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија и здруженијата „Но пасаран“ и „Гласен текстилец“ бараат измени на законот за извршување и замрзнување на сите извршни одлуки врз физички лица, поради ревизијата на работата на извршителите и на целиот судски процес во текот на извршната постапка.
– Над 200 илјади луѓе се заробени со извршни одлуки од кои десетици илјади се се уште блокирани и не можат да се одблокираат. Значи тие луѓе немаат прилив на пари на трансакциска сметка. Имаме многу случаи каде имало извршување врз луѓе кои примаат социјална помош или отпремнина од Агенцијата за вработување, што е противзаконски. Според Законот, тие се должни да земат најмногу една третина од платата, а земале цели плати и пензии по три, четири и пет месеци. Потоа луѓето немаат пари да го отплатат самиот долг, изјави Ана Глигорова од иницијативата за собирање потписи „Стоп за извршители“.
Според неа треба да се утврди сумата на реален долг кој изнесува до 2.000 денари, а нереалниот долг до 20 илјади денари. Тие 18 илјади денари, како што кажа, отишле во ветар, платени се и преплатени и граѓаните во Македонија не се должни ништо. Како што потенцираше Глигорова, извршителите приватници треба да се вратат во суд како што било пред 2006 година, кога работеле како судски службеници.
– Сметаме дека народните пратеници треба да излезат во наш интерес. Тие се изгласани со наши гласови и треба да му излезат на народот во пресрет за овој тежок сериозен проблем, додаде Глигорова.
Како што најави претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации, Марјан Ристески во сабота во 12 часот пред Портата во Скопје, но и во другите градови, ќе започнат со собирање на потписи за иницијативата.
– Се надеваме дека Владата ќе остане на своите заложби кои ги кажуваше претходно дека оваа неправда која ја прават извршителите и нотарите ќе биде исправена, рече Ристески и додаде дека собраните потписи ќе ги достават во Собранието на Република Македонија.