Европскиот суд за човекови права констатирал повреди на верската слобода во случајот со Православна Охридска Архиепископија (ПОА), а во пресудата се укажува на должноста Македонија да остане неутрална и непристрасна во нејзините односи со други религии и верски групи.
Во пресудата е констатирано кршење на членот 11 (слобода на собирање и здружување) во врска со членот 9 (слобода на мислата, совеста и религијата) од Европската конвенција за човекови права.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права појаснуваат дека и покрај двете постапки за регистрација на здружението кои беа водени пред домашните судови, и двете барања беа одбиени од формални причини. Надлежните државни органи се повикувале и на две други основи за одбивање на барањето, и тоа дека здружението-апликант било формирано од страна на странска црква или држава, што го правело неподобно за регистрација, како и дека неговото предложено име било проблематично, особено од аспект на тоа што тоа било многу слично со називот на „Македонската православна црква-Охридска архиепископија“ која има историско, религиозно и морално право во континуитет да го користи ова име. Со тоа, според надлежните државни органи здружението имало за цел да претставува паралелна верска институција на МПЦ.
За констатираната повреда на Конвенцијата, Македонија како тужена и одговорна држава е задолжена да му исплати на апликантот 4.500 евра како надомест на нематеријална штета и дополнителни 5.000 евра за трошоци и издатоци настанати од водењето на постапката.