Децата без родители и родителска грижа до тригодишна возраст сместени во големи згрижувачки институции имаат помали шанси да се развијат нормално и психички и физички. Затоа нема одлука што може една влада да ја донесе што може да направи поголема разлика во животот на некој поединец од одлуката за тоа што ќе се случува со овие деца, порача претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс на денешната работна средба на интерпартиската парламентарна група на тема: „Семејство за секое дете“.

Според него, семејството за секое дете е примарен извор на учење пред возраст од три години кога, како што рече, се формираат поголем дел од когнитивните, емоционалните и социјалните капацитети. Во исто време, додаде тој, семејството за детето е извор на сигурност, љубов, идентитет и припаѓање.

Сето ова, според него, не го добиваат децата сместени во големи институции. Таму тие се под голем емоционален токсичен стрес што го успорува нивниот нормален развој.

Како излез од ваквите состојби, според него, се соработката со здравствениот систем и социјалните служби за да се спречи или барем да се намали откажувањето на родителите од своите деца, да се развијат други алтернативни форми на згрижување како што се згрижувачките или роднинските семејства, но и да се интензивира чинот на посвојување. Во Македонија, рече, има 72 деца кои чекаат да бидат посвоени, а 200 заинтересирани родители да постојат дете.

Кевин Браун, професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Нотингем го дели ставот на Перкс дека растењето на децата особено до тригодишна возраст во семејство придонесува за нивниот нормален како психички, така и физички развој. Во семејството, рече, тие имаат емоционална поврзаност со родителите, нешто што го немаат кога се сместени во големи згрижувачки институции.

Ниедна институција, според него, не може да ја надомести загубата на нормално семејство затоа што престојот во нив е долг, а со тоа и можностите тие да претрпат штети во својот развој е поголем.

Браун смета дека е мал бројот на негуватели кои се грижат за овие деца и тие најчесто се посветуваат на нивните физички потреби, а многу ретко можат да ги задоволат емоционалните.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери истакна дека во светот воопшто се променети многу работи во однос на оваа категорија деца, донесени се многу меѓународни документи за заштита, подобрени се законските решенија кои се однесуваат на нив, но сепак, како што рече, тоа што им недостасува на децата во ваквите и слични институции е семејната топлина и љубов.

Тоа што во Македонија има околу 250 деца сместени во институции, според Џафери, говори дека некаде се уште има застој во процесот на деинституционализација и оти треба многу работа и ангажман на сите чинители почнувајќи од Владата, министерствата, Собранието, невладиниот сектор и целата заедница.

- Проектот „Семејство за секое дете“ е проект на Владата на РМ. Собранието може доста да направи во насока на тоа овој процес да добие и на динамика и на квалитет. Тука пред се мислам на законодавниот процес, но исто толку важна е и надзорната улога. Верувам дека и како држава и како општество, а пред се како индивидуи сите сме свесни дека се работи за нашите најмили, најмладите и најбеспомошните, рече Џафери.

На тема „Семејство за секое дете“ вчера во Скопје се одржа и конференција организирана од Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ. Владата се заложи до 2020 година да се стави крај на згрижувањето деца до тригодишна возраст во големи згрижувачки институции, односно тоа да се замени со згрижување во згрижувачки и роднински семејства, односно форми најблиски до природното семејство.