Македонија е исклучително партизирана држава и таа практично е рекордер во Европа во однос на партиското членство, е заклучок од компаративната студија за изборните недостатоци во земјава и искуствата во регионот, изработена од Центарот за граѓански мониторинг.

Слободанка Јовановска од Центарот, презентирајќи ги резултатите од шестмесечното истражување посочи дека на трите клучни партии во земјата отпаѓаат 15,1 отсто од електоратот, што како што посочи е феномен во Европа.

Според последните податоци, ВМРО-ДПМНЕ има 170 илјади членови, СДСМ над 70 илјади, а ДУИ околу 35 илјади членови.

Таа посочи дека најголемите европски партии немаат членство поголемо од два отсто од популацијата. И руската Обединета Русија, која брои околу два милиони членови има помалку од два отсто од електоратот.

Во фокусот на истражувањето е и финансирањето на политичките партии, висината на донациите, санкциите, контролата на собирањето на парите.

- Ги следевме критиките на ГРЕКО и ОДИХР. Практично кај нас има регулатива, но не се спроведува и според многу оценки лимитот што е дозволен за донации во Македонија е висок во споредба со стандардот на населението, рече Јовановска.

Во Македонија лимитот за донирање за лица е 3.000 евра, а за компании 30 илјади, што со оглед на просечната плата се проценува како висок. Во Белгија, на пример, лимитот за лица е 500 евра, а за компании три илјади евра, а многу земји, како што посочи Јовановска имаат забрането донации од компании.

Центарот за граѓански мониторинг дава и некои препораки за тоа како да се подобри финансирањето на политичките партии, посочувајќи искуства од земји, кои се добар пример.

Во Словачка секој што ќе даде донација мора да потпише договор, сите донации во земјата одат преку банкарски сметки, повеќето партии во Европа имаат свои ревизори, а исто така и процедурите за контрола на извештаите предвидуваат во повеќе земји ревизија пред да се предадат извештаите.

Таа додаде дека некој европски стандард е во добар дел од земјите да се забранува политичкото рекламирање надвор од јавните сервиси.

- Генерална оценка на меѓународните организации, кои ги следат изборите е дека кај нас институциите што го контролираат финансирањето на партиите се хибридни, дека не се ниту независни од владата, ниту независни од политичките партии и дека контролата кај нас е повеќе регулатива, отколку реалност. Иако Македонија предвидува доста ригорозни казни, практично сите знаеме дека досега ниту една не е изречена, рече Јовановска.

Анализирани се и избирачките списоци, односно каква е разликата меѓу бројот на гласачите и населението.

- И тука сме феномен. Тој распон во Македонија меѓу гласачите и членовите е многу мал нешто над десет отсто, додека во развиените европски земји во Германија тој распон е 28,8 отсто, во Белгија 26, во Германија 24 отсто. Во оние држави кои добиваат високи оценки од ОБСЕ за успешноста на изборите за деморкатичноста на изборите една третина од граѓаните не се гласачи, што покажува колку е прочистен избирачкиот список кај нив и колку не е прочистен кај нас. Македонија како млада нација понормално е да има поголем распон меѓу гласачите и населението, за разлика од една Германија, која е многу постара, нагласи таа.