Немањето учебници, обука на кадар кој постои, но треба да помине обуки заради подобрување на квалитетот на образованието, како и инфраструктурата во училиштата, се дел од проблемите со кои се соочуваат припадниците на помалите заедници во Македонија при остварувањето на правото на образование.

Ова беше истакнато на партиципативниот форум „Подобрување на квалитетот на образованието на јазиците на припадниците на заедниците“ што денеска се одржа во Скопје во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Македонија.

Според Џелал Хоџиќ в.д. заменик директор на АОПЗ, досегашното искуство кажува дека во минатото немало политичка волја да се решат проблемите во однос на образованието на мајчин јазик на помалите заедници кои се под 20 проценти, а тоа се турската, српската, босанската, ромската и влашката заедница.

- Турската и српската заедница имаат редовна настава на својот мајчин јазик, но со сериозни предизвици и проблеми. Очекуваме од следната година и бошњачката заедница да има редовна настава на босански јазик. Она што е индикативен проблем е дека дел од родителите своите деца не ги запишуваат на својот мајчин јазик поради послабиот квалитет на образование. Целокупното образование се соочува со предизвици, но она што ние како Агенција го гледаме е дека со новата министерка и со новиот пристап постои волја проблемите да не се ставаат под тепих и за нив се бара системски пристап и системски решенија кои ќе доведат до сериозно подобрување на квалитетот на заедниците кои се под 20 проценти, вели Хоџиќ.

Милутин Станчиќ в.д. директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, исто така, кажа дека за разлика од претходната власт, актуелната е подготвена да ги слушне сите критики и сугестии, од НВО секторот, внатре помеѓу институциите и помеѓу заедниците и да работи на надминување на проблемите кои постојат.

Како што посочи в.д. директор на Агенцијата Илхан Рахман, АОПЗ ја возобновуваат соработката со Мисијата на ОБСЕ со денешниот партиципативен форум како неформално тело каде државните институции и НВО на заедниците кои се застапени под 20 отсто во РМ на иста маса ги дебатираат своите проблеми и извлекуваат заклучоци и препораки.

- Препораките ќе бидат доставени до Владата и се надеваме дека ќе бидат дел од политиките што ги креира Владата, рече Рахман.

Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) е формирана во 2008 година и е надлежна за мониторинг на остварување на правата на заедниците во РМ кои се под 20 отсто во областите на правична застапеност, образование и култура.