Концептот на мултиетничност го носиме сите во нас, среќен сум што овој концепт конечно го поддржаа огромното мнозинство граѓани, давајќи му надеж и ветер во грб, оти концептот е во самиот зародиш и оти нема друга алтернатива за Македонија освен едно општество за сите, изјави денеска премиерот Зоран Заев на промоцијата на книгата „Македонски мултиетнички јазли“ од проф. д-р Петар Атанасов.
- Концептот за мултиетничност и едно општество за сите пред неколку години во мене и во раководството на СДСМ го вбризга токму Петар Атанасов, почнувајќи од 2013, па до пред две години кога првпат го испорачавме, затоа што за Македонија нема друга алернатива, за која вреди да се залагаме, рече Заев.
Авторот на книгата проф. д-р Петар Атанасов, рече дека „премиерот се нафатил со тешка задача, да ги менува Македонците, да ги менува Албанците, но и со задача да го менува македонското општество“.
- Тој ќе се обиде не да ги пресече, туку да ги разврзе македонските мултиетнички јазли, и веќе сме во битка за заедничко и рамноправно општество, рече Атанасов.
Авторот вели дека не постои готов мултикултурен модел во светот, туку мора самите да го создадеме, затоа што нема две исти држави, две исти општества, и нема исти држави со ист процент на различни културни групи.
- Мултикултурен модел како дефиниција за разрешување на нешто што го нарекуваме мултиетничко општество не постои, тоа е едната страна на медалот, а втората најчесто или многу често во кревките сиромашни мултикултурни општества како македонското, по 2001 година политиката станува етнички бизнис.Ова се двете страни на медалот и се поставува прашањето каде оттука, рече Атанасов.
Според него, етничките јазли кои се дефинирани во ова книга прават проблем, не дозволуваат да се изгради општествена интеграција во која разликите нема да бидат значајни.
Со овие етнички јазли, истакна Атанасов, кои се различни размислувања за разни прашања во државата, се создава недоверба меѓу заедниците, меѓу големите културни групи и тоа е голем проблем во мултикултурните општества како што е македонското.
Новинарот и политички аналитичар Сашо Орданоски истакна дека сите концепти на мултиетнички концепт се разрботени во книгата. Според него, оваа книга е исклучително значајна, и треа да биде редовно четиво за сите што сакаат да се занимаваат со политика.
- На Балканот првпат после 27 години се случува значителен дел од малцинството да гласа за неетничка партија. Тоа е една драматична политичка промена, која ако ја пропуштиме низ прсти нема да ни се врати повеќе никогаш. Ова е единствената и можеби и последна можност за нас како држава, рече Орданоски.
Книгата „Македонски мултиетнички јазли“ е резултат на повеќегодишното проучување на Атанасов на мултикултурниот концепт како модус за востановување рамнотежа меѓу државата и општеството, меѓу колективните и индивидуалните начини на живот, како и потрага по модели на коегзистенција меѓу културно различните групи и општествени структури.
Станува збор за избор на најважните текстови напишани на оваа тема од авторот, но и еден текст што е објавен за првпат - Од охридскиот договор до тиранската платформа. Најголем дел се објавени само на англиски јазик и сега ја имаат својата македонска премиера.
Проф. д-р Петар Атанасов работи на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Од 2004 до 2006 предавал мултикултурализам на постдипломските студии за човекови права на Универзитетот во Сараево во соработка со Универзитетот во Болоња. Од 2012 година е член на Бордот на научното списание Политичко однесување и за политички анализи од Букурешт на Југоисточна Европа.