Министерот за надворешни работи Никола Димитров во пресрет на продолжувањето на разговорите за прашањето на името меѓу Македонија и Грција оценува дека процесот од наша страна ќе заврши со мудроста на граѓаните.Порачува дека името и идентитетот не се бранат од плоштад, туку со мудрост.

- Референдум е дел од изборните програми на повеќето чинители и во таа смисла одговорноста се разбира е пред се на политиката, но меѓутоа е на сите нас, рече Димитров во интервју за Телма.

Шефот на македонската дипломатија не очекува нов предлог на средбата што посредникот на ОН во разговорите за прашањето на името ја закажа во Брисел за 11 и 12 декември со претставниците на двете земји.

- Веројатно првата средба по подолго време ќе биде искористена за купување од негова страна сигнали и разговори околу форматот, динамиката и веројатно ќе оди со таков приод и нема да има баш на таа средба предлог иако тоа се прашања на негова проценка, рече Димитров.

На средбата во Брисел ќе биде актуелниот преговарач Васко Наумовски, со кој, како што рече, ќе има висок дипломат и цел тим за поддршка на процесот.

Коментирајќи го останувањето на Наумовски за преговарач иако е назначен од претходната владина гарнитура, рече дека станува збор за специјален пратеник за надминување на разликите во името, лице што го предлага Владата, а со указ го поставува претседателот на државата. - Ние постојано повикуваме дека за ова прашање мора да се најдеме сите заедно. И затоа овој гест на некој начин можеби прави повеќе простор да влезат сите порелевантни политички сили во овој процес, бидејќи се работи за исклучително значаен процес, наведе Димитров.

Според него проблемот со јавното соопштување на црвените линии го стеснува просторот за поместување. - Во основа покорисни се посуптилните сигнали, еден важен сигнал е тоа дека идентитетските прашања треба да се извлечат и ако Македонија се чувствува загрозена во однос на тоа кои сме тогаш практично нема да има решение на ова прашање и тоа е еден сигнал, рече Димитров, порачувајќи и дека е многу важно да созрее внатрешниот процес.