Со потпишување Заедничка декларација во која се нотирани сите заложби за унапредување на соработката во сите сфери и со потпишување на девет билатерални договори, заврши првата заедничка седница на Владите на Република Македонија и Република Бугарија што денеска се одржа во Струмица.
Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов на зедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев ја нагласи поддршката кон Македонија за членство во Европската унија и НАТО.
- Сакам само да кажам дека завчера при средбата со претседателот на Европскиот парламент Тајани, заедно со парламентарните групи од Европски парламент во Софија, јасно кажав дека сега е моментот да се искористи бугарското претседателство, после тоа австриското, романското и хрватското и за две години Западниот Балкан не да биде само во вниманието на Брисел, туку реално да се придвижи. Убеден сум дека за два-три месеци ќе успееме да го намалиме роамингот. Убеден сум дека и Коридорот 8 ќе се развие. Нашата политика е во политика за присоединување во делот на економијата, енергетиката зошто тоа носи инвестиции и повисоки доходи. Луѓето сакаат работа, да имаат доходи, да може да патуваат и да прават бизнис, а ние сме должни тоа да им го овозможиме, рече Борисов.
Тој нагласи дека смета дека перспективата на Македонија во НАТО е од важно значење, и дека како влади ќе продолжат со низа практични дејствија. Премиерот Заев нагласи дека заедничката декларација е базирана во духот на отвореноста и довербата, меѓусебното почитување и разбирање со нагласување на важноста на активната регионална соработка како основа за трајна стабилност во Југоисточна Европа.
- Не постои нешто што не сме способни да го направиме подобро од она што мислиме дека можеме. Македонија и Бугарија направија, застаневме едни до други со потпишаниот договор за пријателство, добрососедсво и соработка, а со денешната владина седница активиравме уште еден од моторите кои треба да го повлечат целиот регион напред. Оваа свест што ја имаме како влади за нашата историска одговорност што отвора перспективи, е значајна за нашите билатерални односи, за евроинтеграцијата на Македонија и на регионот, нагласи премиерот Заев.
Додаде дека на заедничката седница биле потврдени областите од заеднички интерес за севкупен развој.