Владата на Република Македонија на својата интернет-страница објави нови десетици документи и информации кои се однесуваат на работата и активностите на Генералниот секретаријат, канцеларијата на претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, заменик-претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, како и за неколкуте министри без ресор во рамките на Владата на Република Македонија.
На интернет-страницата на Владата првпат се достапни буџетите од минатата и од оваа година, ревизорски извештаи, планови за набавки, листа на вработени со официјални телефони и адреси на е-пошта, правилници за систематизација на работните места, правилници за организација, закони и подзаконски акти во надлежност на институциите, листа на информации од јавен карактер, органограм за внатрешната организација, како и календар на настани.
Посочените документи се достапни во категоријата „Информации од јавен карактер“, на официјалната страница на Владата на РМ – www.vlada.mk, и на веб-страниците на одделните министерства.
За потсетување, на својата 34. седница Владата ги задолжи сите министерства на своите интернет-страници да ги објават ваквите и слични документи и голем дел од нив веќе се јавно достапни.
Во прилог ви испраќаме линк до сите нови документи и информации објавени на интернет-страницата на Владата на Република Македонија. Во исто време потенцираме дека бројот на документи кои ќе бидат достапни за сите, постојано ќе расте.