Народна Република Кина е докажан пријател на Македонија, а нашите билатерални односи се исклучително добри и очекувам плодна соработка меѓу нашите две држави во иднина, оцени премиерот Зоран Заев, кој денеска во Будимпешта оствари средба со неговиот кинески колега Ли Кечијанг и владина делегација на Народна Република Кина.

Како што информира владината прес-служба, на Самитот 16+1 за соработка на земјите од Централна и Источна Европа со Народна Република Кина, премиерот Заев посочил дека Македонија е подготвена со повеќе конкретни проекти да аплицира за поволните кинески кредитни линии.

- Овa е историски момент за Република Македонија. Помошта од Народна Република Кина е значајна за инфраструктурна модернизација на земјата, истакнал премиерот Заев.

Македонскиот премиер додал дека е многу важна поддршката на Народна Република Кина за воспоставување на поинтензивна економска соработка меѓу двете земји.

- На средбата двајцата премиери ги разгледаа проектите од регионално значење за Коридорот 10 и се согласија за негова имплементација и реализација во најбрз рок. Се разговараше и за ново железничко поврзување по должина на Коридорот 8, се вели во соопштението.

Премиерот Заев потенцирал дека Република Македонија ќе ја зајакне соработката со врвни кинески компании од областа на информатичките технологии. Во рамки на Самитот 16+1 на средбите со претставници на компаниите „ЗТЕ“ и „Хуавеи“ се споделиле идеи и планови за нови иновативни смарт решенија за кои постои согласност дека може да се имплементираат во нов концепт на смарт држава.

Потенцирајќи ги добрите билатерални односи меѓу двете земји Заев, како што се наведува, додаде дека Македонија ја поддржува т.н. политика на една Кина.

Премиерот на Народна Република Кина Ли Кечијанг посочил дека со реализација на Коридорот 8 и Коридорот 10 Македонија ќе стане транспортен јазол во регионот и оти инвестициите во инфраструктурата се инвестиции во иднината на Македонија. Во пресрет на 25-годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете држави, следната година, тој очекува интензивирање и унапредување на соработката.

Кечијанг потсетил дека Народна Република Кина ја има признаено Република Македонија под уставното име и оти во билатералната соработка го почитува тоа.