Комисијата за деловнички и мандатно – имунитетни прашања утре ќе одлучива за имунитетот на пратениците.

Кривичниот суд денеска испратил барања до Собранието на Република Македонија за одземање на имунитетот на 6 пратеници.

Барањата се испратени, но се чека на претседателот на Парламентот, Талат Џафери да се врати од патувањето во Шведска за тие да бидат отворени.

Се очекува, како што е пропишано овие барања Џафери да ги достави до претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски, кој треба да закаже седница на која треба да се одлучува по нив. Богоевски најави дека седница ќе закаже веднаш штом го добие известувањето од претседателот на Парламент. Најверојатно седницата на Комисијата ќе се одржи во текот на утрешниот ден.

Претседателот на Собранието денеска во Стокхолм даде изјава во врска со денешните приведувања во која посочи дека пратеникот не може да биде лишен од слобода без одлука на судот, односно без да биде информиран и без дозвола на Собранието.

Денеска беа приведени неколку пратеници, заедно со уште дваесетина лица, од вкупно 36 лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.