За Владата на РМ, за граѓаните на нашата земја и за нашите стратегиски интереси како што се евро-атлантските интеграции, членството на Црна Гора во НАТО е водилка на охрабрување, и за нас ќе биде од исклучително значење да се повикаме на искуствата на Република Црна Гора од нејзиниот процес за членство во Северноатлантската алијанса.
Ова го изјави премиерот Зоран Заев на средбата со министерот за одбрана на Црна Гора Предраг Бошковиќ, кој е во официјална посета на нашата земја.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев му посака добредојде на министерот Бошковиќ, и на неговата делегација на црногорското Министерство за одбрана, и уште еднаш го поздрави полноправното членство на Црна Гора во НАТО, истакна дека тоа е позитивен сигнал за целиот регион.
Премиерот Заев на средбата со делегацијата на црногорското Министерството за одбрана, се посочува, информираше за текот на реформите на ниво на држава кои со забрзано темпо се преземаат во насока на евроатлантските интеграции на Република Македонија, особено за текот на реформите на ниво на Министерство за одбрана на Република Македонија и АРМ. Премиерот Заев ги издвоил чекорите што се преземаат за подобрување на животниот стандард и условите за работа на припадниците на АРМ како и зајакнувањето на капацитетите на Министерството за одбрана кои во наредната година ќе бидат значително поддржани и со зголемената ставка за овие области во Буџетот на Република Македонија.
- Сите овие напори и вложувања, како и одлуката за зголемување на придонесот на АРМ во мировни операции „Одлучна поддршка“ и УНИФИЛ, се во насока на очекувањата, Република Македонија идната година да стане полноправна членка на НАТО. Ја користам и оваа прилика уште еднаш да се заблагодарам за целосната поддршката на Црна Гора за полноправно членство на Република Македонија во НАТО, која доаѓа како резултат на нашето долготрајно и искрено пријателство и од заедничките стратешки интереси, истакнал премиерот Заев.
Министерот за одбрана Бошковиќ, пак, истакнал дека членството на Република Македонија во НАТО е од посебен интерес на неговата земја, и дека тој искрено очекува Македонија да биде 30-тата земја членка на Алијансата.
- Министерот Бошковиќ нагласи дека Република Црна Гора е во постојана мисија на заложба за колку што е можно побрз прием на Република Македонија во НАТО, и е промотор на остварување на оваа цел, пред сè заради стабилноста на регионот и на сите земји во него, стои во соопштението.
На средбата со Бошковиќ, на која премиерот Заев бил придружуван од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, станало збор и за регионалната соработка при што било искажано особено задоволство од заедничкото учество и придонесот на двете земји во Јадранската Повелба.
- Беше констатирано дека таа соработка веќе дава сериозни резултати и дека постојат уште можности, како што е заедничкиот партнерски пристап до одредени фондови на НАТО и на ЕУ, кои поддржуваат многу аспекти на колективната безбедност, не само од воен или друг безбедносен аспект, туку и од аспект на заедничките акции за заштита на цивилното население и ресурси од природни катастрофи, стои во соопштението.