Премиерот Зоран Заев оствари средба со в.д. заменичката асистент секретар за одбрана на САД Лаура Купер, која во текот на денот ќе учествува и на Состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Јадранската повелба (А5 група), која денеска се одржува во Охрид.

На средбата, како што информира владината прес-служба, беше истакнато дека САД, како стратешки сојузник на нашата држава, секогаш ја поддржуваше Република Македонија од нејзиното осамостојување до денес, и особено во периодот на последната длабока политичка криза.

- Република Македонија останува и понатаму посветена на градењето на партнерство со САД, врз основа на споделувањето на заедничките вредности како што се демократијата, функционалните институции, владеењето на правото, пазарната економија и кохезијата на различностите на македонското општество. Република Македонија и САД ги делат истите вредности и во однос на регионалната соработка на безбедносен и на секој друг план, се вели во соопштението.

Тоа, како што се наведува, беше потврдено и во текот на оваа година, кога Република Македонија претседава со иницијативата Јадранска Повелба (А5), како и за време на самитот на земјите членки на А5 групата во Подгорица, на кој учествуваше и Потпретседателот на САД Мајк Пенс.

Купер се заблагодарила за учеството на АРМ во мировните мисии, како што е „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Премиерот Заев истакнал дека Република Македонија останува сојузник во овие мировни иницијативи, за кои се планира зголемено учество.

- Република Македонија и САД во изминатиот период имаат развиена меѓусебно сеопфатна соработка. Над 7.000 припадници на АРМ учествувале во над 800 заеднички настани како заеднички обуки, мисии, додека повеќе од 900 припадници на АРМ поминале различни образовани воени програми на институции на Секретаријатот за одбрана на САД, стои во соопшението од Влада.

Заев и Купер имаат позитивни очекувања од состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Јадранската повелба и се согласиле дека со неа отвораат нови и важни можности за идната регионална соработка во мировните операции, во кои се очекува поголема инклузивност од аспект на родовата припадност имајќи го предвид мотото под кое се одржува овој состанок - „Интеграцијата е целта, соработката е начинот“.

На средбата било истакнато дека соработката на планот на одбраната и безбедноста меѓу САД и Република Македонија е силен сигнал за подготвеноста на нашата држава да биде прифатена како полноправна членка на НАТО, која САД силно ја поддржува.

- Владата на Република Македонија искрено се надева дека идната година ќе се активира отворената покана за членство во НАТО и дека Република Македонија ќе биде 30-тата членка на алијансата, истакнал Заев на средбата.

Премиерот Заев и в.д заменичката асистент секретар за одбрана на Соединетите американски држави Купер разговарале и за тоа дека поканата за членство во НАТО ќе биде сериозен исчекор и за стабилизирање на политичката и безбедносната ситуација, во земјата и во регионот.