Датумот за продолжување на разговорите е веќе дефиниран. Контактите со грчкото Министерство за надворешни работи се интензивни, но и на други нивоа се обидуваме да ги зајакнеме мерките за градење доверба бидејќи тоа создава амбиент за решавање на спорот, изјави потпретседателот на владата задолжен за евроинтеграциите Бујар Османи на конференцијата „Иднината на Берлинскиот процес“ во Скопје.

Османи смета дека во услови на реципрочни провокации меѓу државите не може да очекуваме решение.

– Сметам дека климата е комплетно сменета, пораките од двете страни се позитивни и сега го чекаме предлогот на медијаторот Нимиц. Се очекува од него да има конкретен предлог што ќе биде основа да можеме да изградиме внатрешен консензус и потоа да изнајдеме решение, изјави Османи.

На прашањето дали очекува деке е можно да има решение на спорот следната година, вицепремиерот појасни дека негова задача, како координатор за европски прашања, е да биде оптимист и да ги притиска институциите.