На барање на Основното јавно обвинителството МВР трага по уште шестмина од вкупно 36 осомничени, кои обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија, изјави на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој посочи дека вчера се трагало по 12 лица, а денеска бројката е намалена на шестмина. Министерството нема добиено допис од обвинителството за распишана потерница по нив. Додаде дека наредбите за претрес траат 15 дена, а полицијата постапува врз основа на наредбите што ќе ги добие.
Спасовски нагласи дека нема повреда на правата во постапката на приведување на лицата, осомничени за настаните од 27 април.
Запрашан да даде коментар за забелешките дека имало нехуман однос при апсењето на осомничените, истакна дека целата постапка е спроведена исклучиво врз основа на Законот за кривична постапка и на сите подзаконски акти и стандардно-оперативни процедури.
- Во Република Македонија изминатите години бевме сведоци на апсења пред камери од медиуми, кои селективно беа повикувани да се појават пред куќа на луѓе, кои треба да да бидат уапсени и за тоа се правеа филмови. Сега со задоволство можам да констатирам дека оваа акција, што ја спроведуваме, и сите идни, нема да се случуваат на таков начин. Нема да правиме ексклузива, бидејќи пред се презумпцијата на невиноста е најважна, рече Спасовски.
Во врска со информациите дека полициски службеник ја објавил фотографијата на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи Митко Чавков, кој е еден од осомничените во внатрешниот дел на затворот во Шутка, Спасовски нагласи дека за казнено-поправните установи е надлежно Министерството за правда.
- Не знам од каде е направена сликата и не сакам да коментирам шпелукации на социјалните медумите. Има надележни институции за тоа, Казнено-поправната установа - Скопје, Агенцијата за извршување на санкции и Министерсвото за за правда треба да ги дадат дадат тие одговори. Доколку утврдат дека има каков било престап на некој друг службеник, кој не е во рамки на Министерството за правда, тогаш ќе постапува и соодветното министерство, на пример МВР, рече Спасовски.
Во врска со вчерашната информација дека им биле одземени телефоните на Трајко Вељановски и Вејсел Мемеди во врска со истрагата за 27 април, Спасовски нагласи оти за тоа одговор треба да даде обвинителството.