Апелацискиот суд Скопје на јавна седница попладнево расправа дали прислушуваните разговори ќе бидат докази во судската постапка за предметот за изборни нерегуларности „Титаник“.
На седницата присутни се адвокатите на обвинетите, како и обвинетите поранешни министри Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески. На седницата не дојде поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Обвинетите во предметот „Титаник“ бараат 1.063 прислушувани телефонски разговори да не бидат доказ во судската постапка. Нивните адвокати приговараат и на обвинението со образложение дека обвинетите биле амнестирани од претседателот на државата Ѓорге Иванов.
Специјалното јавно обвинителство кое го покрена овој предмет останува на ставот дека прислушуваните разговори не се незаконски прибавени и може да бидат доказ во судската постапка.
Специјалната обвинителка Лиле Стефанова посочи дека ниту еден од прислушуваните разговори не е на штета на приватниот живот на обвинетите.
Предметот „Титаник“ е прв случај што го обелодени СЈО, а се однесува на десетина дела поврзани со изборни нерегуларности. Обвинети се поранешни функционери меѓу кои и Никола Груевски, Мартин Протугер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска. Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.
Апелација денеска расправа по жалба од СЈО, откако Кривичниот суд на 20 октомври годинава ги отфрли „бомбите“ како доказ за „Титаник“.