Руското Министерство за правда објави список на странски медиуми кои Русија од сега ќе ги смета за странски агенти, меѓу кои се и Гласот на Америка и Радио Слободна Европа.

Во соопштението на Министерството се наведува дека на списокот се Гласот на Америка (ВОА), Радио Слободна Европа (РФЕ/РЛ) заедно со уште седум руски медиуми на локални јазици, кои работат во рамките на Радио Слободна Европа.

Медиумите кои се прогласени за странски агенти се Гласот на Америка, Радио Слободна Европа, Телевизијата Сега (Current Time TV), сервисот Татар-Башкир на Радио Слободна Европа (Tatar-Bashkir service of Radio Liberty – Azatliq Radiosi), Реали регионалниот проект Идел (Realii, regional project Idel), Реали фактографскиот проект на Кавказ (Realii, Factograf project, Kavkaz), Реалии Крим (Realii and Krym), Реали, се наведува во соопштението.

Советот на Руската Федерација на 22 ноември го одобри предлог законот за странски медиуми кои дејствуваат како странски агенти, а претседателот Владимир Путин го потпиша предлог законот на 25 ноември.

Според тој закон, медиумите можат да бидат прогласени за странски агенти доколку примаат финансиски средства од други земји, а откако ќе бидат прогласени за странски агенти, ќе подлегнат на ограничувања што важат за непрофитни организации кои дејствуваат како странски агенти.

Исто така, таквите медиуми ќе бидат повикани на одговорност поради кршење на законите.

Законот е усвоен како одговор на барањето на американското Министерство за правда, огранок на руската телевизија Раша Тудеј во САД да се регистрира како странски агент.