Тројца од четворицата обвинети во случајот „Монструм“ во придружба на нивниот адвокат Насер Рауфи денеска дојдоа да се пријават во Кривичниот суд во Скопје. Согласно решението од Врховниот Суд, обвинетите се должни да се јавуваат во Кривичниот суд двапати неделно, откако пред неколку дена беа пуштени на слобода и им беа определени мерки на претпазливост.
Хаки Азири, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Сами Љута се пријавија на шалтер, како доказ дека нема да побегнат. По пријавувањето Хаки Азири изјави дека немаат намера да побегнат никаде и оти очекуваат вистината да излезе на виделина.
Прашан кога очекува да почне новото судење, Азири рече дека не знае и оти тоа зависи од адвокатот и како ќе одреди судот. Целата постапка за случајот „Монструм“ ќе се повтори.
Четворицата обвинети во случајот „Монструм“, неодамна беа пуштени да се бранат на слобода, откако Врховниот суд одлучи да ја укине првостепената и второстепената пресуда со кои обвинетите беа осудени на доживотен затвор, и одлучи случајот да се врати од почеток.
Тие поминаа речиси пет години зад решетки, а останатите двајца обвинети Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство.
Петкратното убиство кое им се става на товар на обвинетите беше извршено на 12 април 2012 година кај Смилковското Езеро.