Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати е избркан од работа во Агенцијата за катастар. Благоја Ралповски вели дека тоа било резултат на се поголемите притисоци од власта врз синдикалното движење. Со ова, вели тој, се прекршени многу меѓународни конвенции од Меѓународната организација на трудот, како и Законот за работни односи.
-Наместо преговори, одредени структури на власта т.е. управни одбори на АД ЕЛЕМ спречија легитимни синдикални избори, а директорите сакаа насилно да постават свои луѓе со цел преземање на синдикалните организации – изјави денеска Ралповски.
Дека КСС е во право потврдија и од регионалните синдикални организации од поранешна Југославија кои го осудија давањето отказ на претседателот на КСС поради неговото синдикално ангажирање и побараа да се поништи оваа одлука.
Конфедерацијата на слободни синдикати предупредува дека доколку ваквите притисоци не престанат ќе излезат на протест и ќе преземат активности за организирање на генерален штрајк.
Инаку КСС излезе со критики за Владата и побара да ги усогласи платите согласно минималецот, како и да се отвори прашањето за Општиот колективен договор со посебен акцент на регресот за годишен одмор познат како К-15.