Македонија сака да учествува во сите регионални проекти и може да биде транспортен центар на Балканот, зашто преку неа минуваат два важни коридора, 8 и 10, потенцира премиерот Заев на меѓународната конференција „Пoсилна регионална интеграција на Балканот“.
Македонскиот премиер Зоран Заев учествува на меѓународната конференција „Пoсилна регионална интеграција на Балканот“. Се разговара за гранични олеснувања и на трговијата, но и за регионални ИТ и технолошки кластери, за отворање перспективи за приватниот сектор.
Македонија сака да учествува во сите регионални проекти и може да биде транспортен центар на Балканот, зашто преку неа минуваат два важни коридора, 8 и 10, потенцира Заев.
Заев посочи дека преку Македонија со Коридорот 8 се поврзуваат Црното и Јадранското Море, односно Бугарија и Албанија, а со Коридорот 10, Грција и Централна Европа. Заев очекува соработката во регионот и неговото приближување кон ЕУ да биде уште повеќе забрзано за време на претстојното претседавање на Бугарија со Унијата.
Конференцијата ја отворија бугарскиот премиер Бојко Борисов и главниот извршен директор на Светската банка, Кристалина Георгиева. Борисов повика на поголемо единство на земјите од регионот што, според него, ќе ја забрза неговата евроинтеграција.
Имаме ретка шанса да ги убедиме колегите во Брисел дека ние носиме и мудрост, а не само проблеми. Историјата си е историја и има кој да ја коментира. ЕУ ќе не разбере само ако ние покажеме единство. Европа си има доволно проблеми со Брегзит и не и се потребни нови. Ние треба да настапиме пред Брисел со добри инфраструктурни проекти, со коридорите 8 и 10 и со проекти за дигитална инфраструктура, изјави Борисов.
Главниот извршен директор на Светска банка, Кристалина Георгиева, најави дека Банката е подготвена да издвои 200 милиони долари за проекти за развој на трговијата и транспортот на Балканот. Истакна дека има огромен потенцијал во интеграцијата на земјите од регионот што може да почне да се покажува уште со претстојното бугарско претседавање со ЕУ. Светска банка, како што наведе, ќе се фокусира посериозно на транспортниот и на ИТ- секторот во регионот.
На конференцијата во Софија учествуваат и премиерите на Србија и на Албанија, Ана Брнабиќ и Еди Рама, претседателите на Црна Гора и на Косово, Филип Вујановиќ и Хашим Тачи, вецпремиерот и министер за трговија на БиХ, Мирко Шаровиќ.