Протести се одржаа денеска пред зградата на Владата за запирање на изградбата на рудниците Казандол, Иловица и Боров Дол во југоистичниот дел на Македонија.

Учесниците на протестите во Скопје се солидаризираа со протесниот марш кој истовремено се одржа во Валандово. Искажаа разочараност зошто власта се уште не направила ништо за запирање на изградбата на Казандол.

– Се бориме за да ја зачуваме нашата животна околина, за сигурна и здрава иднина на нашите деца и поколенија, изјави Зоран Велковски.

Жана Живадиновиќ нагласи дека изградбата на овие рудници не е проблем само за граѓаните на југоистокот, туку и за граѓаните на Скопје.

– Сите го дишеме истиот воздух, ќе јадеме земјоделски производи од истата почва. Водата која се загадува е исто така сериозен проблем, рече Живадиновиќ.

Во Валандово, пак, неколку стотици граѓани порачаа дека ќе се борат против изградбата и започнувањето со работа на овие рудници и најавија едночасовна блокада на патиштата кон Скопје и кон Гевгелија. Бараат да се запре изградбата на рудниците Казандол, во околината на Валандово, Иловица кај Струмица и Боров Дол, Радовишко, како и ревизија на процесот на доделување концесии.