Нашите обврски до следниот Самит во јули 2018 година ќе бидат завршени, но, во процесот за прием на нови членови свое влијание ќе имаат и националните калкулации на останатите 29 земји-членки поради консензуалниот принцип на одлучување.,За разлика од Самиот во Букурешт, вели Стево Пендаровски национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО кој изразува надеж дека овојпат ќе биде доминантен колективниот интерес за безбедна Европа.

За тоа што е реално сменето девет години по Самитот на НАТО во Букурешт, Пендровски посочува дека суштински е сменет и надворешниот и внатрешниот амбиент.

– Во меѓувреме, три нови држави од регионот станаа членки на НАТО. ЕУ остана на Балканот само технички, во суштина се пасивизираше поради внатрешните несогласувања за иднината на европскиот проект, а САД, кои по 11-ти септември веќе го имаа препуштено регионалното лидерство на Брисел, се преместија кон Пацификот, подготвувајќи се за битката за глобално лидерство со единствениот реален конкурент – Кина. Тоа остави празен простор за поголемо присуство на Русија на Балканот, но и за самостоен продор на Турција која во регионот почна да се појавува и надвор од својата долгогодишна западна рамка-нагласува Пендаровски.