Информацијата пренесена на повеќе медиуми во врска со учеството на повеќе лица во процесот на преговорите, надвор од преговарачкиот тим е неточна, изјавија за МИА од МНР.

Како што и претходно во неколку наврати беше посочено од МНР, во Брисел на 12 декември 2017 година на преговорите за надминување на разликата за името ќе присуствува преговарачот Васко Наумовски, амбасадор на Република Македонија во САД заедно со дипломат од МНР. Истиот формат кој е договорен со преговаралот Метју Нимиц ќе биде и од грчката страна, односно преговарач плус дипломат.

– Владата на Република Македонија ќе ги информира медиумите, а со тоа и јавноста за понатамоошните чекори за ова важно и чувствително прашање кое е од највисок државен интерес, посочуваат за МИА од МНР.

Оптимизам дека спорот конечно може да се реши искажаа и американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји и еврокомесарот Јоханес Хан. Ји смета дека прашањето за името е досега на највисоко ниво и најблиску до изнаоѓање решение. Хан, пак, изјави дека очекува во првата половина на 2018 година да се најде политичко решение со Грција за отворање на преговорите со Македонија за членство во ЕУ. Како прилог кон тоа, Ји и Хан, ги нагласуваат подобрените политички релации меѓу Скопје и Атина.

Добра волја за решение кај двете страни гледа и медијаторот Нимиц, кој во изјава за Независната Балканска новинска агенција – ИБНА, изрази и надеж дека ќе бидат надминати и т.н. црвени линии поставени од Атина и Скопје.

И медиумите во Грција коментираат дека средбата на Нимиц со преставниците на двете земји во Брисел, е знак за континуитетот на позитивната клима, која се создаде во односите меѓу двете земји по промената на власта во Македонија. Како временска рамка која го придвижува решавањето на спорот и постигнување заемно прифатливо решение, се посочува следниот самит на НАТО, што треба да се одржи на 11 и 12 јули во Брисел, а на кој Македонија се надева дека конечно ќе се отвори патот да стане членка на Алијансата.

Грчките медиуми најавуваат и дека е можно Нимиц на средбата во Брисел да излезе и со нов предлог за името.

Последната формална рунда разговори на медијаторото на ОН со преставниците на двете земји беше одржана во Њујорк во ноември 2014.

Спорот за името меѓу Атина и Скопје трае од осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година. Поради противењето на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето на Македонија во ОН на 8 април 1993 година, беше направено под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, двете земји почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.