Денешното судско рочиште за предметот „Труст“ почна со вкрстено испрашување на вештото лице Дејан Грковски, кој го извршил вештачењето по барање на СЈО.

Вештакот рече дека побарал да направи увид во постројките на „Трансмет“ и да утврди дали соодветствуваат со постројките што биле наведени во документацијата, но можност за таков увид не добил.

Додаде дека го известил Обвинителството дека не може да изврши увид на постројките и дека наодите ќе ги изготвува врз основа на документацијата. Рече дека од него се барало вештачење за да се види дали станува збор за мобилни или статични дробилки.

Адвокатот Миле Петковски го праша вештакот дали досега вршел вештачење од геолошка и рударска област. Вештакот одговори дека досега вештачење од рударска и геолошка област не вршел, но дека на Машинскиот факултет во Скопје каде што студирал има предмети кои се однесуваат на градежна и рударска механизација.

На денешното рочиште исказ треба да даде уште еден вештак кој го изготвил вештачењето по барање на СЈО.

Во „Труст“ првоосомничен е бизнисменот Сеат Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Денешното судење за „Труст“ почна со задоцнување, бидејќи во судницата имаше рочиште за „Змиско око“, кое беше одложено за 1 февруари 2018 година.